Со едноставни вежби до совршена концентрација.
Дали некогаш ви се случило да ја прекинете работата поради ѕвонење или вибрација на телефонот? Иако сакавте само да ја проверите нотификацијата, 10 минути подоцна, сè уште гледате во телефонот. Во време полно со одвлекувања, сè потешко е да се задржи вниманието.
Подобрете ја концентрацијата
Способноста за фокусирање може да се вежба, а тоа и се препорачува, бидејќи без концентрација на луѓето им е тешко да функционираат. Концентрацијата исто така, помага да се намали стресот и со тоа да се подобри менталното здравје.
Времетраење на вниманието
Сигурно сте го почувствувале фрустрирачкото чувство, кога не можете одеднаш да завршите некоја задача од почеток до крај, бидејќи нешто или некој ви го одвлекува вниманието.
Ништо чудно. Добро познатото истражување на Microsoft покажа дека, иако се зголемила способноста за извршување задачи во услови на информативно преоптоварување, вниманието на просечната личност се намалило од 12 секунди во 2000-та година на 8 секунди во 2015-та година.
Како да се задржи вниманието?
Дури и кога задачата е едноставна, како на пример читање на овој текст, доволни се телефонски повик, нотификација за пристигната порака, звук од радио, телевизија или друга личност, за да ви се прекине вниманието и мислите да отидат во сосема друг правец. Можете да ги контролирате овие одвлекувања – да го стишите телефонот, да го исклучите радиото и телевизорот, да се повлечете и да ги замолите луѓето околу вас за тишина.
Сепак, ако вашите мисли често одлутуваат без некоја очигледна причина, тешкотијата со фокусирањето можеби произлегува од нешто друго.
Нарушувања на вниманието
Концентрацијата може во голема мера да биде под влијание на нарушувања на вниманието и болести како што е АДХД (нарушување на вниманието и хиперактивност), а проблемите може да бидат поврзани и со хормонални осцилации. Вниманието може да се намали и од ментални нарушувања, како што се депресија или анксиозност.
Можно е причините да бидат и стрес, преоптовареност или чувството на „полна глава“, други проблеми, замор, па дури и несоодветна исхрана.
Ако оваа состојба трае подолго време, задолжително размислете дали страдате од некој од горенаведените проблеми. Но, ако недостатокот на внимание ви се случува само повремено и сакате да ја подобрите својата концентрација, можете да правите соодветни вежби и да направите неколку промени.
Вежби за присебност, односно концентрација
Кога ќе западнете во состојба на деконцентрација, од неа може да ве извлечат неколку едноставни вежби. Низа студии покажуваат дека когнитивните способности, вклучително и концентрацијата, можат да се зајакнат, исто како што се зајакнуваат мускулите преку вежбање. Затоа, охрабрете ги и родителите и децата да прават вежби кои ја подобруваат концентрацијата. Ако секој ден посветите само неколку минути на овие вежби, со тек на време ќе ја подобрите способноста за фокусирање толку многу, што веќе нема да морате да вложувате голем напор за да останете сконцентрирани.
- Активно слушајте го соговорникот, подкастот, телевизијата или радиото пет минути. Обидете се да запомните што повеќе детали, а потоа по пет минути сумирајте на што се сеќавате.
- Прочитајте текст и обидете се да запомните што е можно повеќе. По пет минути, резимирајте што ви останало во сеќавање. Статијата што ја читате во моментов е доста погодна за ваква вежба.
- Собирајте броеви и обидете се да стигнете што подалеку. Почнете со 1 + 1, потоа 2 + 2 и продолжете по истиот образец. Можете да пробате и со множење.
- Замислете предмет, посматрајте го во мислите од сите агли и перспективи и обидете се да го опишете на некого.
- Играјте игри за меморија. Пронајдете некоја шема во вашата околина, внимателно набљудувајте ја, па потоа обидете се да ја нацртате или опишете. Не е на одмет да играте и игри, како паметење на редоследот на книги на полица.
Погледнете и други вежби кои што можат да ги зајакнат вашите когнитивни способности. Кога ќе го подобрите својот фокус, полесно ќе можете да започнете со медитација, која е докажано корисна за концентрацијата. Ќе бидете поефикасни на работа, а задачите кои бараат целосно внимание повеќе нема да ви предизвикуваат толкав стрес.
Ако состојбата не се подобри, консултирајте се со својот лекар.
Извор: Vse bo v redu.





