Како да се избегне влагата и да се обезбеди пријатен животен простор?
Живеењето во влажен простор е непријатно и штетно за здравјето. Освен тоа, влагата предизвикува оштетувања на опремата и објектот, со што се забрзува влошувањето на состојбата на домот и се намалува неговата вредност. Затоа, реагирајте штом ја забележите!
Причини за појава на влага
Постојат повеќе причини за појава на прекумерна влага во стан или куќа. Често, на нејзиното појавување влијаат надворешни фактори, како што се:
- локацијата на куќата или станбената зграда во близина на вода или на влажно тло (на пример, покрај водотек или мочуриште);
- продор на надворешна влага преку дотраени прозорци или врати што не дихтуваат добро;
- порозност на несоодветна изолација, што особено важи за постара градба.
Постојат и внатрешни фактори, кога самите создаваме влага, но не можеме или не знаеме како ефикасно да ја отстраниме. Влага се ослободува кога:
- готвиме, переме, сушиме алишта или се капеме;
- недоволно ги проветруваме просториите;
- во обид да го избегнеме сувиот воздух користиме навлажнувачи, постигнувајќи спротивен ефект од посакуваниот.
На сето ова, треба да се додаде и влагата којашто настанува како последица на протекување на кровот или цевките, поплави и истекување вода во домот.
Најпогодна релативна влажност на воздухот во просторијата е помеѓу 40 и 60 проценти.
Последици од прекумерна влага во животниот простор
Нивото на влажност во домот, можете да го измерите со помош на дигитален мерач на влажност и температура, кој може да се најде во продавници за техничка опрема за домаќинство. Ако мерачот покаже дека има премногу влага, или пак самите ја чувствувате и забележувате, веднаш преземете мерки.
Влагата може негативно да влијае врз здравјето на членовите на семејството, а особено е штетна за лица со астма, деца, повозрасни лица и луѓе со алергии (бидејќи влагата создава идеални услови за развој на грињи). Бидејќи влагата поттикнува создавање и ширење на мувла, може да предизвика кивање, кашлање, проблеми со дишењето и чешање на кожата. Исто така, таа е еден од факторите за појава на белодробни заболувања и бронхитис, како и здравствени состојби кои се движат од повремени главоболки до сериозни хронични проблеми, затоа не треба да се потцени.
Ако ја игнорирате влагата, ситуацијата нема сама да се поправи. Напротив, колку повеќе се акумулира, толку побрзо домот ќе се оштетува. Столаријата и подовите каде што се појавила мувла полесно се распаѓаат, со што се зголемува штетата и на домот и на мебелот.
Борба против влагата во домот
Преземете мерки против прекумерната влага додека сè уште може да се контролира. Наједноставното решение е редовно проветрување. Дури и кога има голема разлика помеѓу надворешната и внатрешната температура, отворете ги прозорците ширум неколку пати дневно. Ова е особено важно кога се ослободува повеќе влага, на пример по туширање, готвење или кога е потопло во станот отколку надвор.
Може да помогнат и вентилатори и одвлажнувачи или дехумидификатори. Тие се особено корисни во простории кои што потешко се проветруваат, како што се бањите или подрумите. Достапни се во продавници за техничка опрема, но внимавајте при купување: цената не треба да биде единствениот критериум, најскапиот уред не секогаш значи и најдобар.
По поплава или поголемо излевање вода, користењето дехумидификатор е задолжително. Сепак, тоа не гарантира дека влагата ќе се сведе на посакуваното ниво.
Понекогаш причината е протекување од цевка или лошо прицврстен покрив. Може да се случи и природна непогода да ви го поплави домот. Водата може да истече и од незатворена чешма или напукнат аквариум. Во сите тие случаи, само бришење вода или кратко проветрување нема да бидат доволни. Можеби ќе треба да се преземат подетални поправки и градежни зафати, како замена на инсталации.
Кога влажноста на воздухот е последица на продор на вода, потребна е детална проверка и стручна проценка на штетата. Тоа може да значи и отстранување на гипс, подни облоги и подлогата под нив. Често е неопходно и менување на мебелот оштетен од влагата.
Преземете акција додека цената за санација на влагата е сè уште ниска
Последиците од прекумерната влага се јасни, но нејзиното отстранување не е секогаш евтино. Само вентилација и бришење видливи влажни површини нема да бидат доволни.
Заштитете се од сите тие појави коишто можат повторно да се јават. Осигурете се дека вашето осигурување вклучува покривање за истекување вода и поплави. Така ќе си обезбедите средства што ќе ви помогнат да ја санирате штетата и повторно да создадете пријатна атмосфера во вашиот дом.
Погледнете ги пакетите и можностите за дополнителните покритија: Осигурување на дом
Извор: Vse bo v redu.





