Објаснуваме што велат прописите и како осигурувањето ја третира штетата предизвикана поради несоодветни гуми.
Возевте автомобил со летни гуми во период на снежни врнежи, колата се лизна на коловозот и направивте штета. Како полицијата ќе го третира вашиот престап? Дали вашето осигурување ќе ја покрие штетата?
Во зимски услови, зимските гуми се побезбедни, бидејќи покрај забележливо подлабок профил и шари за отстранување на снег, имаат и различна гумена смеса наменета за ниски температури.
Што вели законот?
Законот за безбедност на сообраќајот предвидува користење зимски гуми на возилата во периодот од 15-ти ноември до 15-ти март, доколку на патот има мраз или снег. Доколку во оваа ситуација вашите гуми немаат шари со минимална длабочина од 4mm за моторни возила со најголема дозволена маса која не надминува 3.500 кг, т.е. 6mm за моторни возила со погон на четири тркала и моторни возила со најголема дозволена маса која надминува 3.500 кг, се смета дека возите технички неисправно возило. Зимските пневматици на својата бочна страна имаат ознака: „МЅ“, „М+Ѕ“, „М&Ѕ“ и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва.
Зимската опрема е потребна и надвор од наведената временска рамка, доколку се појават зимски врнежи и предизвикуваат снег, мраз или поледици на патот.
Доколку возите без зимска опрема во наведениот период и во зимски услови, полицијата може да ве казни во износ од 45 евра во денарска противвредност, односно ќе ви се регистрираат 25 негативни бодови. Возачите се обврзани да имаат синџири во багажникот во дадениот период доколку возилото има пневматици со летен профил, со длабочина на шарите од минимум 4 mm. Синџирите се монтираат на погонските тркала на делниците од патот кои се означени со знак за задолжителна употреба на синџири и кога има снег на коловозот.
Што вели осигурувањето?
И од гледна точка на осигурување, зимските гуми се важни за безбедно возење во зимски услови. Ќе возите побезбедно и полесно ќе се справувате со тешките сообраќајни услови. Ова значи и многу помалку грижи, бидејќи, доколку немате сообраќајни незгоди, ќе ги задржите бонусите што ви следуваат, па вашето осигурување на автомобилот нема да поскапи. Доколку, пак, се случи незгода, осигурителната компанија ќе ја покрие штетата, бидејќи возилото е соодветно опремено.
Во случај да возите со летни гуми, осигурителната компанија проценува дали до незгодата дошло бидејќи возилото немало соодветна, законски пропишана зимска опрема. Врз основа на сознанијата се носи одлука за исплата на отштета.
Осигурување од автомобилска одговорност – АО
Доколку имате задолжително осигурување од автомобилска одговорност и предизвикате сообраќајна незгода, осигурителната компанија ќе го обештети оштетениот. Меѓутоа, ако притоа немате соодветна опрема и тоа доведе до незгода, осигурителната компанија може да побара од вас да ја надоместите исплатената штета.
Каско осигурување на возила
Во случај на каско осигурување, осигурителната компанија може да одбие да го плати надоместот, доколку штетата е предизвикана од несоодветна зимска опрема. На пример, вашата штета нема да биде покриена ако возите по снежен пат со летни гуми и како резултат на тоа возилото се излизга.
Од друга страна пак, осигурувањето, ги покрива штетите, што не се поврзани со настани, што се должат на користењето несоодветни гуми или пак несоодветна употреба на зимска опрема. Ако, на пример, штетата настане на снежен пат со паѓање на дрво врз вашето возило, штетата е покриена, иако сте возеле со летни гуми. Штетата не е предизвикана поради несоодветна зимска опрема.
Прочитајте што ви нуди помошта на патот на Сѐ ќе биде во ред.

Izvor: Vse bo v redu