Не пропуштајте!

Избор на најновите совети и информации за безбрижно секојдневие.

Сѐ ќе биде во ред  | Triglav.mk

Кога е безбедно да седнете зад воланот по ноќно излегување?

Дури и возењето додека сте мамурни е опасно

Поради алкохолот, нашите способности за безбедно учество во сообраќајот, свесноста, следењето на состојбата на патот и расудувањето се намалени. Голем број сообраќајни незгоди се случуваат како последица на возење во пијана состојба. Исто така, проверивме колку е опасно да се вози по ноќно излегување, односно во состојба на мамурлак и кога е безбедно повторно да седнете зад воланот.

Ефектот на алкохолот врз способноста за возење

Алкохолот влијае негативно на нашата способност за безбедно возење: се стеснува видното поле, се намалува способноста за препознавање на нијанси на светлина, послабо ги препознавате боите и чувството за движење, растојание и слично. Исто така, се забавува брзината на реакција, а координацијата на рацете и нозете е послаба. Полесно се лутите, станувате агресивни или, пак, посмели во проценката на сопствените можности.

Колку долго се задржува алкохолот во крвта?

Благодарение на бројните кампањи за подигнување на свеста за негативните ефекти на алкохолот, сигурно знаете многу за тоа. Сепак, премалку се зборува за возење по ноќно излегување и кога е безбедно да се вратите зад воланот.

Да погледнеме прво колку долго алкохолот останува во крвта. Тоа зависи од повеќе фактори, како што се возраста, полот, видот на алкохолниот пијалок, колку брзо сте го консумирале алкохолот, што и колку сте јаделе, како и вашата тежина. Луѓето со недоволна тежина можат да бидат погодени од многу мали количини на алкохол. Дејството на алкохолот може да се засили со одредени болести и лекови, кои што истовремено можат да предизвикаат многу бавно распаѓање на концентрацијата на алкохол во крвта.

Во просек, за еден час се разградува 0,15 грама алкохол (0,07 милиграми на литар издишен воздух) на килограм крв.

Да погледнеме пример: Доколку жена со тежина од 60 килограми испие литар пиво, внесува 40g алкохол.

Концентрацијата на алкохол во крвта може да ја одредиме преку делење на количината консумиран алкохол со тежината на телесните течности во кои се распределува алкохолот. Кај жените, телесните течности изнесуваат 60% од телесната маса, додека кај мажите тоа се 70%.

Ако 40 грама алкохол ги поделиме со 36 килограми, колку што би изнесувала тежината на телесните течности во овој пример, добиваме проценка на концентрацијата на алкохол во крвта од 1,1 грам на килограм крв. Тоа е еквивалентно на 0,52 милиграми на литар издишен воздух.

Ако жената ја испие таа количина алкохол, на пример околу полноќ, до 2 часот наутро ќе има 1,1 грам алкохол на килограм крв. Телото обично има потреба од околу половина час за да апсорбира две третини од консумираниот алкохол во крвта, додека остатокот се апсорбира во следните 60 до 70 минути.

Со оглед на тоа дека, во просек, 0,15 грама алкохол на килограм крв се разградува за еден час, оваа жена околу 6 часот наутро сè уште ќе има 0,5 грама алкохол на килограм крв, односно 0,24 милиграми на литар издишен воздух.

Казни за возење под дејство на алкохол

Според пресметките, и ден по консумирањето, алкохолот сè уште е присутен во нашето тело, иако можеби не ни се чини така. Можете да имате чувство дека сте целосно трезни, само малку уморни. Но, полицијата предупредува дека веќе при 0,5 грама алкохол на килограм крв, вашата концентрација и способност за навремено запирање се намалени. Негативните ефекти се уште побројни.

На веројатноста да предизвикате сообраќајна несреќа, додајте ја и можноста да добиете казна.

Законот предвидува дека возачот не смее да управува со возило ако е под дејство на психоактивни супстанци и/или алкохол, односно ако има повеќе од 0,50 g/ L или промили алкохол во крвта. За возачи почетници и професионални возачи ограничувањето е пониско (0,09 g/L).

Присуството на алкохол, полицијата го утврдува со помош на индикатори за алкохол и мерачи (апарати за дишење), кои ја покажуваат вредноста на алкохолот во организмот во милиграми алкохол на литар издишен воздух.

Ако не се согласувате со резултатот од алкотестот со помош на индикаторот, полицијата може да ви даде тест со мерач на алкохол за здив (алкометар) или вештачење што вклучува земање крв или крв и урина.

Да го додадеме и гледиштето на осигурителната компанија. Доколку предизвикате сообраќајна незгода под дејство на алкохол, психоактивни дроги или други психоактивни супстанци, ќе ги изгубите вашите права од осигурување. Така, на пример, за оштетување на возило што го направивте сами, нема да можете да остварите право на каско осигурување, доколку врз основа на полицискиот извештај се утврди дека сте возеле под дејство на алкохол.

Осигурителната компанија ги зема предвид наодите на полицијата – возење под дејство на алкохол значи дека имате повеќе од 0,50 mg/ml (g/L или промили) алкохол во крвта.

Доколку со сообраќајна незгода е предизвикана штета на трето лице, на тоа лице му се исплаќа надомест по основ на осигурување од автомобилска одговорност, а од вас, како причинител на штетата, односно осигуреникот, осигурителната компанија наплатува регрес, со вклучени камата и трошоци.

Мамурлакот трае дури и кога повеќе нема алкохол во крвта

Што се случува со нашето тело кога алкохолот веќе се излачува? Д-р Sally Adams, член на истражувачкиот тим на Одделот за психологија на Универзитетот во Бат во Велика Британија, вели дека алкохолот обично се излачува од телото приближно 12 часа по последната голтка од пијалокот. Сепак, според истражувањето на американскиот национален институт за злоупотреба на алкохол и алкохолизам, симптомите на мамурлакот, како што се замор и главоболка, се најтешки кога нивото на алкохол во крвта паѓа на нула и можат да траат до 24 часа.

Затоа, по ноќно излегување нема да можете да возите или без проблеми да ја работите својата работа.

Исто така, мета-анализата на истражувачите од Универзитетот во Бат покажа дека не можете да ги спречите ефектите од мамурлакот со спиење и следниот ден да бидете во добра состојба, иако можеби ви изгледа поинаку. Истражувањето, кое што опфатило повеќе од 1.100 луѓе, покажало дека во состојба на мамурлак се намалува способноста за концентрирање, се влошува психомоторната брзина, како и краткорочната и долгорочната меморија.

„Поради овие негативни ефекти, еден ден по консумирањето алкохол, личноста тешко се концентрира, не памти добро и побавно реагира“, вели Craig Gunn, автор на споменатото истражување.

Затоа, ве советуваме да не возите ден по мамурлакот и покрај тоа што сте „безбедни“ од полицијата, бидејќи тестот не би покажал присуство на алкохол. Подобро, погрижете се да бидете безбедни зад воланот.

Извор: Vse bo v redu.

TEST BANNER

Ne propustite!

Izbor najnovijih priča i saveta za bezbrižnu svakodnevicu.

Prijava na newsletter

Следете нѐ на