Не пропуштајте!

Избор на најновите совети и информации за безбрижно секојдневие.

Сѐ ќе биде во ред  | Triglav.mk

Самопрегледите се клучен дел од навременото откривање

Есента е период кога глобално се подигнува свеста за најчестите малигни заболувања кај жените и мажите, потсетувајќи нè дека грижата за сопственото тело мора да биде приоритет. Додека октомври е традиционално посветен на женското здравје, веднаш по него следува ноември, месецот посветен на машкото здравје.

Ракот на дојка е најчестиот вид рак кај жените. Кај младите мажи, пак, ракот на тестисите е меѓу најчестите малигни заболувања. За навремено откривање и преземање мерки што можат да ви го спасат животот, неопходни се редовни самопрегледи. Тие треба да станат дел од вашата месечна рутина. Во продолжение ви препорачуваме на што треба да внимавате при грижата за вашето здравје, во која дополнителна поддршка може да ви обезбеди и полисата за доброволно приватно здравствено осигурување. Доколку забележите дека нешто не е како што треба, реагирајте веднаш.

Препознавањето на промените на сопственото тело и навременото обраќање кај лекар се важни за раното откривање на заболувањата, што може значително да придонесе за подобра прогноза. Само неколку минути месечно посветени на самопреглед на дојките или тестисите, можат да придонесат за рано препознавање на симптомите и навремено преземање мерки.

Женско здравје: Ракот на дојка е најчестиот вид рак кај жените

Веројатностa за појава на заболувањето се зголемува со возраста, иако ракот на дојка може да се појави и кај многу млади жени, па дури и кај мајки кои дојат. Важно е да се знае и дека ракот на дојка не претставува само едно заболување, туку група различни заболувања кои можат да се развиваат во ткивото на дојката со години пред да се почувствува првата грутка.

Приближно половина од случаите на рак на дојка се откриваат со дијагностички прегледи како мамографија или при лекарски преглед, а другата половина при самопреглед. За жал, речиси половина од жените првпат се јавуваат кај лекар кога ракот веќе е локално напреднат или дури и проширен во други делови од телото. Затоа, редовниот месечен самопреглед се препорачува да се изведува седум до десет дена по почетокот на менструацијата.

Машко здравје: Ракот на тестисите е најчест кај младите мажи

За разлика од ракот на простата, кој е почест кај постарите мажи, ракот на тестисите е најчестото малигно заболување кај мажите на возраст од 20 до 40 години. Во овој период ткивото е поактивно и поради тоа е почувствително на промени. Статистиките покажуваат дека бројот на заболени во последните децении е во сериозен пораст во глобални рамки.

Еден од најчестите знаци на рак на тестисите е појавата на грутка или оток, кои најчесто не предизвикуваат болка. Сепак, кај ова заболување клучно е колку брзо мажот ќе одлучи да посети лекар. Половите органи се поврзани со бројни табуа и самата помисла дека нешто не е во ред може да биде застрашувачка, што доведува до одложување на прегледот. Особено внимателни треба да бидат мажите кои имаат семејна историја на ова заболување (татко, брат или син) или кои во минатото имале проблеми со неспуштени тестиси.

Симптоми на кои мора да обрнете внимание

При редовните месечни самопрегледи, проверете ги следниве знаци:

Промени на дојките: Појава на грутки, јазли или задебелувања, вовлечена брадавица или промена на нејзиниот облик, невообичаен или крвав исцедок од брадавицата, оток, црвенило или промена на кожата (изглед на кора од портокал).

Промени на тестисите: Појава на безболни грутки, задебелувања или тврди јазли, промени во големината или формата на тестисите, чувство на тежина, тапа болка или непријатност во скротумот, зголемени и болни млечни жлезди (кај специфични видови рак). Кај напреднат рак на тестисите со метастази во стомачната празнина или белите дробови, може да се појават и болки во долниот дел на грбот и тешкотии при дишењето.

Затоа, навременото откривање и брзата реакција се од клучно значење.

Ако ракот на дојка се открие во рана фаза, пред локално да напредува или да метастазира, петгодишната релативна стапка на преживување кај пациентките може да надмине 90%.

Кај ракот на тестисите, кој најчесто е проследен со изразени симптоми и затоа полесно се препознава, петгодишното релативно преживување кај пациентите може да достигне и околу 95%, доколку ракот не се проширил надвор од тестисите.

Не одложувајте! Доколку забележите невообичаени промени или симптоми, што поскоро обратете се кај вашиот матичен лекар.

Напомена: Текстот е од информативен карактер и не претставува замена за стручен медицински совет, дијагноза или третман. Доколку забележите какви било промени или симптоми, консултирајте се со вашиот лекар.

Следете нѐ на