Крлежите пренесуваат неколку сериозни болести и добро е да знаеме како да се заштитиме од нив.
Многу луѓе сакаат топлите денови да ги поминуваат во природа. Но, мораме да бидеме внимателни, бидејќи и на обична прошетка можеме да „собереме“ крлеж, кој е опасен потенцијален носител на три болести: Лајмска болест, вирус на енцефалитис, што се пренесува преку крлежи, и ерлихиоза.
Какви животни се крлежите?
Крлежите припаѓаат на семејството пајаци, тие се мали суштества слични на инсекти, кои живеат на рабовите на шумите, во тревата, па дури и во парковите. Тие се задржуваат на височина од 1-1,5 метри, бидејќи на тој начин лесно можат да се преселат кај домаќинот – животно или човек.
Како можеме да се заштитиме?
Кога одите во шума, носете светла облека со долги закопчани ракави и користете репелентна заштита. По враќањето, најдобро би било облеката веднаш да се испере, да не доаѓа во допир со чиста облека или мебел. Прегледајте се и потоа веднаш истуширајте се, а добро е да направите проверка и следниот ден. Доколку не го забележите крлежот првиот ден, полесно ќе го најдете наредниот ден, бидејќи неговата големина и обем се зголемуваат најмалку двојно во текот на еден ден.
Со оглед на тоа што крлежите живеат во шума, трева, паркови, градини и насекаде во природата, треба да се проверуваме секогаш, откако ќе се вратиме од таква средина.
Што да правиме ако најдеме крлеж?
Крлежите треба да се отстранат професионално, што е можно поскоро. Се отстрануваат со специјална пинцета, со која што се фаќа главата и се врти додека не се ослободи од кожата. Немојте да го натопувате крлежот со масло, алкохол, да го запалите и слично, бидејќи на овој начин само се зголемува веројатноста за зараза. Доколку дел од крлежот остане под кожата, ќе се види мала црна дамка, која што треба да се отстрани со стерилна игла и пинцета. Откако ќе го отстраните крлежот, треба да го следите местото на каснување уште еден месец, бидејќи црвенилото може да се појави од 2 до 30 дена по каснувањето.
Доколку треба да отстраните крлеж, најдобро е тоа да го сторите на лекар.
Како да се заштитиме од инфекција?
Во некои земји, постои можност за специфична заштита од инфекција со вирусот на енцефалитис, што се пренесува преку крлежи, во форма на вакцина. Овој тип на заштита се препорачува за професионално изложени лица и лица во области ендемични за енцефалитис. Високата покриеност со вакцинација во Австрија, доведе до значително намалување на бројот на пациенти.
Не постои ефикасна имунизација против Лајмска борелиоза, се лечи со антибиотици во сите фази на болеста, а секако најуспешниот третман е во раните фази. Црвенилото на кожата се нарекува еритема мигранс. Ако инфекцијата не се третира или не се појави црвенило, по неколку месеци, па дури и години може да се развие воспаление на зглобовите, срцето или нервите.
Ерлихиозата, која што може да биде предизвикана од каснување од крлеж е ретка болест, придружена со покачена телесна температура. Се лекува и со антибиотици. Сè уште не е пронајдена ефикасна вакцина ниту за ерлихиоза.

Извор: Vse bo v redu