Домаќините препорачуваат места на кои можеби не сте биле, а вреди да се видат.
Богата историја, природна убавина и добра храна – има многу причини да ја посетите Босна и Херцеговина. Колегите од Сараево и Бања Лука ни помогнаа да ги откриеме некои од најатрактивните дестинации.
БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА
Население: 3,79 милиони
Главен град: Сараево
Најпознатата храна: пити, ќебапи и супи
Најдобро време за посета: пролет/лето
Што да се посети?
Мостар
Мостар е познат по камениот Стар мост на Неретва, кој што се наоѓа на листата за светско културно наследство на УНЕСКО. Мостот, изграден во 16-ти век од султанот Сулејман Величествениот, во тоа време го имал најголемиот лак на светот.
Вреди да се посети и Стариот град, кој што влече корени од периодот на турското владеење. Можете да посетите и некоја од црквите и џамиите, меѓу кои најстара е Кејван-чехајина, изградена во 1552 година или да видите интересни турски куќи. Најпознати се куќите Муслибеговиќ, Кајтаз и Бишќевица (агол Бишќевиќа).
Требиње
На самиот југ од Херцеговина, на брегот на реката Требишњица, под планината Леотар, се наоѓа Требиње, градот на сонцето, виното и чинарите. Центарот на градот е изграден во медитерански стил, а доминираат стари австриски градби и огромни чинари.
Во срцето на градот на улицата Дучиќева, можете да го видите споменикот на овој поет и дипломат од Требиње, католичката катедрала од 19 век, првиот споменик на Његош и живописниот пазар со споменикот подигнат во чест на хероите, воините и жртвите од Првата светска војна. Во близина е прекрасен парк со православна црква, културен центар, споменици, фонтани.
Многу странски и домашни туристи ги посетуваат и знаменитостите од турската ера: Перовичкиот мост од 16 век, Осман-пашината џамија и стариот замок (Каштел) од 18 век, на десниот брег на Требишњица. На ридот Црквина над градот, има многу убав комплекс, храмот Херцеговачка Грачаница, изграден по моделот на манастирот Грачаница, галерија на икони, амфитеатар, музеј, кој што според некои проценки, го посетуваат околу 100.000 туристи во текот на сезоната.
Лукомир
Лукомир е планинско село на јужните падини на Бјелашница, на надморска височина од 1495 метри. Ова го прави највисокото населено место во Босна и Херцеговина и единственото над 1300 метри. Кањонот Ракитница се наоѓа помеѓу планините Бјелашница и Височица, а Лукомир е веднаш на работ.
Селото е познато по своите камени куќи покриени со ќерамиди. Кога паѓа снег, пристапот често е возможен само со скии или пеш. Лукомир е познат и по традиционалните носии, а жените сè уште ја носат истата облека како пред неколку векови.
Обезбедете соодветно осигурување пред да патувате и уживајте во убавините на оваа земја.

Извор: Vse bo v redu