Децата ги доживуваат опасностите во сообраќајот различно од возрасните.
Пред да бидете сигурни дека вашето дете може самостојно да учествува во сообраќајот, ве очекува десет години подготовка: десет години учење, зборување за безбедноста и опасностите, повторување на правилното однесување и пред сè, вашиот доследен добар пример.
Експертите предупредуваат дека децата до десет години, не се ниту когнитивно ниту социјално зрели, безбедно да учествуваат во сообраќајот и затоа треба возрасно лице да ги придружува до таа возраст. Иако детето знае некои правила, знае како правилно да ја помине улицата, го знае значењето на црвеното и зеленото светло, не можеме да му веруваме дека секогаш ќе ги почитува. Знаењето сè уште не гарантира безбедно однесување на детето. Зошто?
- Возрасните и децата немаат исто видно поле. Детето во секоја сообраќајна ситуација гледа значително помалку од вас! Затоа, многу подоцна ја согледува опасноста, како на пример автомобил во движење.
- Дури и ако вашето дете знае совршено да ја помине улицата во близина на вашиот дом, тоа не е гаранција дека ќе знае како правилно да премине на друго место. Имено, сè уште не знае да генерализира и да пренесува искуство од една во друга ситуација.
- Дури и ако го научите детето правилно да ја премине улицата со повторување на глас што треба да направи, може да се случи гласното изговарање да го разбере како ритуал, кој што сам по себе ја обезбедува неговата безбедност. Може да му се причини дека е доволно гласното изговарање на она што сме го научиле, а притоа да не е неопходно да застане и да провери дали улицата е слободна пред да премине.
- Дури и ако детето знае дека секогаш мора да застане пред да ја премине улицата, неговото внимание во моментот може да му го одвлече кучето на соседот или неговиот постар брат и тоа потполно непредвидливо ќе претрча, без да размислува за каква било опасност. Кај децата, емоциите се пред разумот. Затоа експертите предупредуваат ‘’Ако топката излета на улицата, очекувајте детето да дојде по неа’’!
- Детското размислување е егоцентрично, што значи дека децата не знаат да се стават во улога на други. Тие се убедени дека тоа што го гледаат, го гледаат и другите. Значи, доколку тие можат да го видат автомобилот, сигурно и возачот може да ги види нив. Се разбира, тоа не е секогаш точно, а особено не кога децата се наоѓаат на место, кое што возачот не може да го опфати со погледот, на пример зад паркиран автомобил, канта за отпадоци, ограда.
- Децата не можат добро да ја проценат брзината и немаат чувство за растојание. Така, тие не можат правилно да проценат колку брзо автомобилот, што го гледаат или слушаат, ќе стигне до нив.
- Честопати, децата буквално ги разбираат сообраќајните знаци. Кога ќе видат сообраќаен знак на кој што две деца трчаат и кој што ги предупредува возачите дека во близина има деца, сфаќаат дека тие самите треба да ја преминат улицата. Сообраќаен знак што означува пешачки премин за нив може да значи дека само возрасните можат да го преминат.
Направете го тестот и проверете дали сте добар пример за децата во сообраќајот.
Детето треба постепено да учи за безбедноста во сообраќајот и постојано да се инсистира на повторување на предупредувањата, за тоа навистина да почне да ги совладува индивидуалните ситуации во сообраќајот. Возрасните со својот пример и доследно правилно однесување ќе направат најмногу за безбедноста на детето. Многу е важно секогаш да ги следиме правилата, особено кога сме во брзање.