Сведоци сме на бројни временски непогоди кои нанесуваат големи штети на земјоделските култури. Непредвидливите временски непогоди можат да предизвикаат тешки последици кои ги загрозуваат приносите. За жал, климатските услови значително се променија поради глобалното затоплување, па во иднина веројатно ќе има уште многу непредвидливи непогоди врз кои луѓето, многу често, не можат да влијаат.
Земјоделските ризици не се независни, туку се меѓусебно поврзани и се дел од системот кој ги вклучува сите достапни инструменти, стратегии и политики дизајнирани за управување со ризици.
Управувањето со ризик во земјоделството се заснова на комбинација на технички и финансиски алатки. Пренесувањето на ризикот од загуба на осигурителот се користи како финансиски инструмент, а со склучување договори за осигурување ризикот се ублажува. Земјоделското осигурување е посигурен инструмент во превентивното делување за намалување на последиците од ризиците.
Она што секој земјоделец може да направи за да ги заштити своите посеви и плодови е да ги осигури.
Висината на премијата за осигурување зависи од повеќе фактори. Некои од нив се: тип на растение, локација каде што се наоѓаат посевите и плодовите, одбрани видови ризици за покриеност.
Премијата за осигурување за земјоделски култури ја плаќате на осигурената сума која се утврдува врз основа на очекуваниот принос по хектар и цената по килограм род или овошје.
Сѐ поголем број осигурителни компании нудат осигурување на посеви и плодови, како и осигурување на животни.